Фондови
Тука ќе најдете детални информации за отворени повици, рокот за аплицирање и линкови до истите.
Што е ипард?
Инструментот за претпристапна помош за рурален развој – ИПАРД Програмата за Република Северна Македонија претставува пристап до фондовите на Европската Унија наменети за финансиска помош за одржливо земјоделство и рурален развој со фокус на имплементација на законодавството на Европската Заедница во однос на заедничката земјоделска политика и политиките за конкурентно одржливо земјоделство, силни и одржливи рурални заедници и разновидна и одржлива рурална животна средина.
Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија (ИПА) е помош на земјите кандидати за членство во Унијата со цел да се поддржи процесот на исполнување на пристапните критериуми во смисла на воспоставување функционална пазарна економија, прилагодување и спроведување на европското законодавство и способност да се спроведуваат одговорностите кои произлегуваат од членството во ЕУ.
Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија наменет за рурален развој (ИПАРД) е петта компонента на ИПА, со која се обезбедува финансиска помош за одржливо земјоделство и рурален развој, од аспект на подготовките за Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на ЕУ и инструментите за нејзино спроведување, поточно правилата за финансирање од Европскиот Фонд за земјоделство и рурален развој (ЕАРДФ), како и прилагодување на земјоделскиот сектор кон правилата и стандардите кои важат на Заедничкиот Пазар на ЕУ.
ИПАРД фондовите се користат согласно изработена и усвоена ИПАРД програма за развој на земјоделството и руралниот развој за програмскиот период од 2007-2013, 2013-2020 и 2021-2027. ИПАРД Програмата содржи преглед на главните приоритетни области за интервенција и соодветни мерки на финансирање.
Цели на ИПАРД Програмата
Цели на ИПАРД програмата произлегуваат од принципите на ИПА и тоа:
Оска 1: Подобрување на пазарната ефикасност и спроведување на стандардите на ЕУ
Специфична цел
Подобрување на технолошката и пазарната инфраструктура на трговските земјоделски стопанства и прехранбената индустрија насочени кон повисока додадена вредност на земјоделско – прехранбените производи и усогласување со стандардите на ЕУ за квалитет, јавно здравство, безбедност на храната и заштита на животната средина.
Инвестиции во земјоделските стопанства за преструктуирање и надградба до стандардите на Заедницата
Инвестиции во преработката и маркетингот на земјоделските производи за преструктуирање и надградба до стандардите на Заедницата
Оска 3 Развој на руралната економија
Специфична цел
Подобрување на квалитетот на животот кај руралното население, зголемен приход и создавање на нови можности за вработување
Диверзификација и развој на економски активности во руралните средини
Мерки за финансиска помош
ИПАРД програмата вклучува кохерентен сет од приоритетни оски и соодветно развиени мерки и операции (група на инвестиции) согласно целите на ИПАРД Програмата.
ИПАРД II програмата за периодот 2014-2020 година ги содржи следните 5 мерки:
Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства;
Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи;
Инвестиции во руралната јавна инфраструктура;
Диверзификација на фармите и развој на бизнисите и
Трансфер на знаење и иновации во областа на земјоделството, шумарството и руралниот развој.
Дефинирањето на мерките на финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој за временски период од пет години, претставува повеќегодишно буџетско и стратешко планирање кое за прв пат се воведe во спроведувањето на земјоделската политика во Република Македонија за периодот 2013-2017 година. Покрај унапредување на процесот на планирањето на расходите за финансиската поддршка на земјоделските политики на административно ниво, програмирањето на мерките на поддршка истовремено обезбедува зголемување на извесноста во планирањето на приходите на земјоделските производители и следствено, донесување на соодветни деловни одлуки во однос на производство и инвестициите.
Системската правна основа со која се уредува планирањето на развојот на земјоделството и руралниот развој, целите на земјоделската политика, планирањето, следењето и проценката на националната земјоделска политика е Законот за земјоделство и рурален развој. Законот ги вклучува одредбите за поставување и спроведување на националните земјоделски политики во Република Северна Македонија, пред се земјоделските политики на директна поддршка на земјоделството и руралниот развој, организација на пазарите со земјоделски производи и државната помош во земјоделството.
Како институционален одговор на ефектите на светската економска криза со изменитe од 2010 година се обезбеди и можност за опционално воведување на пазарни интервенции, а беа нагласени и политиките на поддршка на здружувањето на земјоделските производители.
Целите на националната земјоделска политика на Република Македонија, кои согласно законот треба да бидат остварени преку мерките и политиките на уредување и поддршка на земјоделските пазари, директните плаќања и руралниот развој, се насочени кон:
обезбедување на стабилно производство на квалитетна и поевтина храна и обезбедување на населението со доволни количини храна,
зголемување на конкурентната способност на земјоделството,
обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство,
одржлив развој на руралните подрачја, и
оптимално искористување на природните ресурси со почитување на начелата за заштита на природата и животната средина.
Во насока на остварувањето на поставните цели, долгорочното планирање на националната земјоделска политика се остварува преку донесување на Национална стратегија за земјоделството и руралниот развој за период од седум години како основен стратешки документ на земјоделската политика во Република Македонија.
Спроведувањето на Националната стратегија се реализира преку повеќегодишна Национална програма за развој на земјоделството и рурален развој која се однесува за период од 5 години и годишни програми за финансиска поддршка во земјоделството и финансиска поддршка на руралниот развој за спроведување на повеќегодишната национална програма.
Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој е плански и оперативен документ за спроведување на националната политика за земјоделство и рурален развој е плански и оперативен документ за спроведување на националната политика за земјоделство и рурален развој кој ги поврзува стратешките документи на политиките, пред се Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој и повеќегодишното буџетско планирање, со годишните оперативни програми и годишни уредби за спроведување на земјоделски и рурални политики.
Националната програма за рурален развој содржи:
инструменти и мерки и активности за спроведување на мерките;
временски распоред и рокови за спроведување и
индикативна финансиска рамка за нивно спроведување.
Од поддршка на земјоделците до заштита на животната средина, земјоделската политика на ЕУ опфаќа низа различни цели. Научете како се финансира земјоделството на ЕУ, неговата историја и нејзината иднина, Општество.
Што е заедничка земјоделска политика?
ЕУ го поддржува земјоделството преку своjата Заедничка земјоделска политика (ЗЗП). Основан во 1962 година, претрпе голем број реформи за да се направи земјоделството пофер за земјоделците и поодржливо.
Постојат околу 10 милиони фарми во ЕУ и земјоделскиот и прехранбениот сектор заедно обезбедуваат речиси 40 милиони работни места во ЕУ
Како се финансира Заедничката земјоделска политика?
Заедничката земјоделска политика е финансирана преку буџетот на ЕУ. Во рамките на Буџетот на ЕУ за 2021-2027 година, 386.6 милијарди евра се издвоени за земјоделство. Поделено е на два дела:
291.1 милијарди евра за Европскиот земјоделски гарантен фонд, кој обезбедува поддршка на приходите за земјоделците
95.5 милијарди евра за Европскиот земјоделски фонд за рурален развој, кој вклучува финансирање за руралните области, климатска акција и управување со природните ресурси.
Како изгледа земјоделството на ЕУ денес?
Земјоделците и земјоделскиот сектор беа погодени од Ковид 19 кризата и ЕУ воведе конкретни мерки за поддршка на индустријата и приходите. Сегашните правила за тоа како треба да се трошат средствата за ЗЗП, се одржуваат до 2023 година, поради доцнење на преговорите за буџетот. Ова бараше преоден договор за заштита на приходите на земјоделците и обезбедување безбедност на храната.
Дали реформата ќе значи повеќе еколошка Заедничка земјоделска политика?
Земјоделството на ЕУ отпаѓа на околу 10% од емисиите на стакленички гасови. Реформата треба да доведе до поеколошка, пофер и транспарентна земјоделска политика на ЕУ, а Европскиот Парламент сака да ја поврзе ЗЗП со парискиот договор за климатски промени, истовремено зголемувајќи ја поддршката за младите земјоделци и малите и средни фарми.
Европскиот парламент исто така ја одобри најновата реформа во земјоделството во ноември 2021 година. Реформата ќе стапи на сила во 2023 година и ќе биде насочена кон:
Зајакнување на биодиверзитетот, поврзување со законите и обврските на ЕУ за животната средина и климата;
Доделување на 10% од директните плаќања за малите и средни фарми;
Создавање постојана кризна резерва која ќе се користи кога цените или пазарите се нестабилни и
Применување на казни за оние кои ги прекршуваат работните правила.
Политиката за земјоделство е поврзана со Европскиот договор за зелена агенда, како и со стратегијата од “фарма до трпеза“ на Европската комисија, која има за цел да ја заштити животната средина и да обезбеди здрава храна за секого, истовремено обезбедувајќи егзистенција за земјоделците.
Согласно Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година, дополнувањето на приходот на земјоделските стопанства преку директните плаќања во голема мерка ја одредува исплатливоста на земјоделската дејност и за голем дел од учесниците во подсекторите претставува елемент на одлука за занимавање со земјоделството. Ова особено доколку се спореди нивото на приходите и платите во земјоделската дејност во однос на националниот просек во однос другите економски гранки во државата. Просечната плата во земјоделството, рибарството и шумарството за периодот 2014-2019 година е за 25% пониска во однос на просечната плата во државата, додека разликата е уште поголема доколку се земат земјоделските приходи на стопанствата кои се пониски за повеќе од 35% (Економски сметки за земјоделство).
Имајќи ги во предвид овие констатации, директните плаќања продолжуваат да претставуваат суштински дел кој ја гарантира одржливоста на македонското земјоделско производство. Истовремено, широкиот дијапазон на применети мерки и подмерки на директните плаќања предизвикуваат технички потешкотии во брзината на спроведувањето на мерките и висината на трансакциските трошоци за администрација на мерките, што претпоставува потреба за промени во насока на поедноставување. Исто така, во следниот период кога се очекува интензивирање на предпристапниот процес, структурата на националните директни плаќања треба поблиску да се прилагодува кон плаќањата кои се спроведуваат во ЗЗП на ЕУ каде доминантна форма е поддршката на приходот на земјоделците неповрзана со типот на производство, со особен акцент на поддршка на практиките што придонесуваат за заштита на животната средина и намалување на климатските промени.
Развојот на националните директните плаќања во следниот период е предвидено да се одвива во таа насока преку постепен процес на трансформација на постојните, доминантни производно-врзани плаќања во годишни плаќања по површина кои не се однесуваат на поединечен тип или количини на производство. Ова ниво на плаќања треба да ја претставува основната поддршка на приходот за придонес кон одржливоста на земјоделската дејност. Дел од поддршката ќе биде редистрибуирана од поголемите, кон стопанствата кои имаат развоен потенцијал и претставуваат посакувана категорија во структурата на земјоделските стопанства, како и кон одредени категории на корисници, пред се младите земјоделци кои се основата за идниот развој на руралните средини. На малите земјоделски стопанства кои играат значајна улога во вработувањето во руралните средини ќе им биде понудена можност за замена на сегашните различни директни плаќања со фиксен износ на поддршка со цел порамномерена дистрибуција на поддршката и намалување на административните трошоци.
Како дополнување на производно-неврзаната поддршка ќе се одобруваат годишни плаќања кои се однесуваат на конкретни типови на земјоделско производство по единица површина, грло добиток или единица производ со цел поблиско таргетирање на идентификувани проблеми. Овие плаќања треба постепено да се трансформираат кон основната поддршка на приходот за одржливост, а остатокот кои ќе останат производно-врзани треба да бидат прифатливи според ЗЗП. Исто така, во следниот период ќе се создаваат услови за постепено воведување на некои од шемите на поддршка корисни за климата и животната средина во форма на годишни плаќања по хектар како надополнување на основните плаќања или надомест за поголемите трошоци и загубата на приходите од аплицирање на превземените обврските за испорака на јавни добра од страна на земјоделците.
Поради веќе обезбеденото значително ниво на поддршка на приходот во изминатиот период, висината на директните плаќања генерално ќе остане непроменета, освен во ситуација на сериозни нарушувања на пазарните односи кои би имале за ефект намалување на приходите. Согласно горенаведеното, поддршката на приходот на земјоделските стопанства во стратешкиот период 2021-2027 година ќе се базира на структура на директни плаќања која ќе се остварува на неколку нивоа.
Типовите на интервенции во форма на директни плаќања кои ќе се имплементираат во следниот период генерално може да се поделат на две поголеми групи плаќања и тоа: производно-поврзани и производно-неповрзани плаќања. Во групата на производноневрзани директни плаќања кои за прв пат ќе бидат воведени во политиката на директни плаќања и треба постепено да го зголемуваат своето учество, спаѓаат следниве форми:
− Основна поддршка на приходот за одржливост,
− Дополнителна поддршка за прераспределба на приходот за одржливост и дополнителна поддршка на приходите за млади земјоделци и
− Шеми за поддршка во полза на климата и животната средина (еко шеми).
Во насока на гарантирање на минималното ниво на поддршка на земјоделскиот приход, како и за постигнување на стратешката цел за обезбедување поддршка на одржлив приход и задоволителен животен стандард на земјоделските стопанства, e биде утврден годишен износ на производно-неврзани плаќања за одржливост на земјоделската дејност, односно т.н. основна поддршка на приходот за одржливост. Ова базично и најшироко ниво на поддршка ќе се плаќа како единствен износ по хектар обработено земјоделско земјиште во висина од 12.000 денари, независно од типот на одгледуваната култура, односно типот на употребата на земјиштето (обработливо земјоделско земјиште, повеќегодишна култура). За обезбедување на целиот износ на поддршка, барателот на средствата треба да ги исполнува сите предвидени барања за вкрстена сообразност и да користи сертифициран и безбеден семенски материјал.
Поддршката ќе биде дополнително условена со задолжителна примена на основни агротехнички операции и виталност на минимален број повеќегодишни насади. Започнувајќи од 2023 година поддршката ќе се обезбедува за сите површини кои се над минимално предвидените согласно досегашните подмерки за директни плаќања по обработлива земјоделска површина за сите култури, вклучително и за тутунот за одгледувачите кои веќе ги имаат дигитализирано своите површини во СИЗП. Останатите ќе се приклучат кон плаќањата од овој тип во престојните години од стратешкиот период.
Oсновната поддршка на приходот за одржливост ќе претставува база за постепена трансформација на постојните производно-врзани плаќања и ќе го постигне максималното ниво со пристапувањето во ЕУ дефинирано во процесот на преговори.
Во рамките на производно-неврзаните директни плаќања за основна поддршка на приходот ќе биде вклучена и поддршка за најмалите земјоделски стопанства чија висина на износ на поддршката во последните три години не бил повисок од 10.000 денари. Со цел намалување на административните трошоци и поедноставување на постапките, како и обезбедување на дополнителна поддршка од социјален тип за оваа најранлива група на руралното население, овие стопанства во следниот период ќе добиваат директни плаќања во фиксна висина од 10.000 денари по хектар независно од големината на расположливите капацитети и претходно користените типови подмерки на директни плаќања. Овие стопанства произведуваат ограничени количини на вишок на земјоделски производи наменети за пазарот од ограничените ангажирани производни капацитети и земјоделската дејност им овозможува дополнување на нивните вкупни приходи остварени од други дејности. Понатамошно зголемување на опфатот на мерката нема да бидат превземено за да не се попречи реструктурање на секторот кон диверзификација и окрупнување за кое е потребно непречена алокација на ресурсите.
Имајќи ја во предвид неповолната структура на земјоделски стопанства и потребата за трансформација во насока на подобрување на старосната структура на земјоделците, окрупнување на капацитетите, професионализација и специјализација во обавување на дејноста, во престојниот стратешки период ќе се обезбеди дополнителна поддршка за земјоделски стопанства чии носители се млади земјоделци, имаат средна големина на обем на ангажирани капацитети и развоен потенцијал, како и оние кои доминатниот приход го обезбедуваат од земјоделска дејност, и тоа како:
– Дополнителна поддршка за прераспределба на приходот за одржливост.
Плаќањето треба да овозможи редистрибуирање на поддршката кон земјоделските стопанства со средна големина кои имаат проценет развоен потенцијал. Како такви се утврдени стопанствата кои обработуваат површина на земјоделско земјиште со големина како што е прикажано во табелата подолу. Плаќањата сеуште се разликуваат според типот на производство и утврдениот годишен износ по хектар обработлива површина и нивната понатамошна трансформација кон единствено плаќање од овој тип неповрзано со производството ќе се реализира постепено.
Табела – Дополнителна поддршка за прераспределба на приходот за одржливост
Тип на производство | Површина на земјоделското производство | Износ на редистрибутивни плаќања МКД/ха |
Дефинирани поледелски култури со постигнато ниво на продуктивност | 5-50 | 6.000 |
Градинарски култури | 1-5 | 6.000 |
Јаболко | 9.000 | |
Останати овошни насади (освен ореви, костени) | 6.600 | |
Ореви, костени | 3.000 | |
Винско грозје | 1-10 | 8.000 |
– Дополнителна поддршка на приходите на млади земјоделци.
Дополнителните директни плаќања за младите земјоделци ќе се доделуваат со цел обновување на генерациите во руралните средини и привлекување на младите земјоделци во секторот, бидејќи развојот на нови економски активности во земјоделскиот сектор и одржливоста на руралните средини директно зависи од мотивираноста на оваа старосна група за вклучување во земјоделските дејности. Поддршката ќе се доделува за млади земјоделци до 40 годишна возраст кои прв пат започнуваат земјоделски бизнис, имаат остварено право на исплата на основната поддршка за приходи за одржливост и се активни земјоделци по професија, како и имаат формално земјоделско образование или посетувано соодветна обука или вештини. Заради поголема стимулација на проширување на дејноста, насочената дополнителна поддршка за стопанствата управувани од страна на младите земјоделци ќе се доделува неповрзана за производството во висина од 15% од одобрениот износ на директни плаќања во една календарска година. Плаќањата ќе се реализираат за дефиниран период од пет години после започнување на земјоделската дејност. Доколку носителот на земјоделското стопанство е жена, тогаш поддршката се зголемува за дополнителни 5%.
– Дополнителна поддршка на приходите на специјализирани земјоделски стопанства.
Поддршката ќе биде обезбедена за стопанства на кои земјоделското производство им е претежна дејност и кои доминатниот приход го обезбедуваат од вршење на земјоделска дејност. Како такви се препознаени стопанствата:
– кои имаат форма на правно лице основано од носителот или член на семејно земјоделско стопанство со целокупниот земјоделскиот имот на семејно земјоделско стопанство, освен објекти за домување или престојување на земјоделски производители и
– чиј носител е регистриран вршител на земјоделска дејност согласно со Законот за вршење на земјоделска дејност.
Висината на дополнителната поддршката на вкупниот износ на пресметаните директните плаќања по другите шеми на директна поддршка ќе изнесува 5% за правно лице регистрирано во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) како земјоделско стопанство основано од носителот или член на семејно-земјоделско стопанство и минимум 25% каде носител е регистриран вршител на земјоделска дејност. Земјоделците кои се осигуреници според Законот за здравствено и социјално осигурување без правна форма ќе продолжат да користат дополнителна поддршка до трансформација на статусот од аспект на формализирање на нивната земјоделска дејност.
Дополнително, во следниот период ќе биде доуреден правно-формалниот статус на семејните земјоделски стопанства кој најдобро одговара на нивното моментално ниво на економски развој и социјална состојба. Ова ќе се постигне со трансформација на статусот на Индивидуалните земјоделци регистрирани според „Законот за вршење на земјоделска дејност“ во Семејни земјоделски стопанства со правен статус. Оваа форма би ги покрила семејните стопанства со дефиниран годишен минимален износ на просечни приходи од земјоделска дејност. Ваквите стопанства кои значителен или најголем дел од приходите остваруваат од вршење на земјоделска дејност ќе бидат дополнително поддржани со цел нивно стимулирање да останат во таа категорија. Истовремено со позиционирање на оваа категорија на стопанства како најатрактивна ќе се стимулира и трансферот на семејните стопанства од останатите пониски приходни категории без регулиран правен статус. Во таа насока за оваа целна категорија ќе се бидат обезбедени и бенифицирани социјални придонеси во однос на трговските друштва за нејзин активен член, односно членовите кои се занимаваат само со земјоделска дејност и се невработени лица и немаат други неземјоделски приходи.
Со цел поголем придонес на директните плаќања кон остварувањето на втората стратешка цел – „Примена на еколошки практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите“, од 2023 година ќе бидат воведени првите шеми на поддршка за поттикнување на обезбедувањето на јавни добра преку земјоделски практики корисни за животната средина и климата, таканаречени еко шеми.
Воспоставањето на еколошките шеми е доброволно за земјоделците кои се обврзуваат да превземат обврски за примена на земјоделските практики корисни за климата и животната средина. Износите на директни плаќања ќе бидат одобрени како компензација за превземените обврски за воведување на овие практики кои ги надминуваат: задолжителните барања пропишани со системот на вкрстена сообразност, минимални барања за употреба на ѓубрива и производи за заштита на растенија, благосостојба на животните, како и други задолжителни барања и се различни од обврските за управување со животната средина, климата и другите поддржани од политиката за рурален развој.
Поддршката за еко-шемите ќе има форма на годишна исплата по хектар која се доделува како дополнителни плаќања на основната поддршка за приходот или плаќања кои целосно или делумно ги надоместуваат дополнителните трошоци за корисниците и изгубените приходите како резултат на спроведените обврски. Во насока на спроведување на поддршката, дополнително ќе се пропише список на земјоделски практики корисни за климата и животната средина за кои ќе може да бидат одобрени директните плаќања (до 2022 г), а кои треба да придонесуваат кон остварување на четвртата стратешка цел од Националната стратегија за земјоделство и рурален развој (2021-2027) која што опфаќа придонес кон ублажување на климатските промени и прилагодување кон истите, како и поголема примена на одржливата енергија, петтата стратешка цел – Поттикнување на одржлив развој и ефикасно управување со природните ресурси како што се вода, почва и воздух и шестата специфична цел на стратегијата насочена кон придонес за заштита на биодиверзитетот, подобрување на услугите на екосистемот и зачувување на природните живеалишта и предели. Воведувањето на поддршка за одржување на трајно затревено земјиште или одржување на еколошки области ќе зависи од примена на регулативите поврзани со Натура 2000.
Со цел заживување на руралните средини, еден од приоритетите е и поддршка на младите земјоделци за започнување и модернизација на постоечките бизниси во секторот земјоделство. Младите земјоделци имаат предност за поддршка на инвестиции и по Националната програма за финансиска поддршка на руралниот развој и по ИПАРД програмата, со доделување на дополнителни бодови, а дел од инвестициите имаат и зголемена стапка на кофинасирање од 5%.
Преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој се поддржува поттикнување на земјоделското производство на земјоделски стопанства чии носители се млади земјоделци, во висина од 1.200.000 денари. Имплементацијата на овие инвестиции ќе доведе до зголемување на конкурентноста на земјоделството како сектор, и исто така ќе доведе до исполнување на владините приоритети во делот на промовирање на знаењето и унапредување на човечкиот потенцијал во руралните средини.
Со донесување на Правилниците за продажба од куќен праг на производи од растително и животинско потекло од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство малите производители ќе имаат можност започнат сопствени бзиниси и да реализираат директна продажба на земјоделските производи и преработки. Согласно член 26 од Законот за иновациска дејност, 1% од вкупната вредност на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој се одвојуваат за започнување на бизниси во руралните средини со воведување на иновации во земјоделството. Во следниот стратешки период во фокус ќе бидат проекти кои нудат иновативни решенија во земјоделските бизниси и дигитализација на земјоделските процеси.
Кога говориме за видовите на поддршка и мерките кои што им се достапни на младите и жените од руралните средини освен директните плаќања (субвенциите), како основни мерки кои што се дел од националните фондови и ИПАРД програмата се следниве:
- Закон за земјоделство и рурален развој, Национална програма за земјоделство и рурален развој (2018 – 2022 и 2021 – 2027), Програма за финансиска поддршка на руралниот развој: Мерка 115 – од 2019 – Поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство; Исклучиво наменета за поддршка на активен женски член во земјоделското стопанство; Подносител на барањето да е жена, носител на земјоделско стопанство – 360.000,00 ден. неповратни средства, а од 2023 година согласно најавените реформи во системот за субвенционирање оваа поддршка ќе може да се искористи и до 10.000 евра преку подготовка на бизнис план и ќе биде оглас кој што ќе трае во текот на целата година
- Мерка 112 – Поддршка за млад земјоделец – помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност кои се носители на земјоделско стопанство, на возраст од 18-40 год. Висина на поддршката до 20.000 евра;
- Мерка 113 – Зголемување на одржливост на земјоделската дејност на семејни земјоделски стопанства – корисници: индивидуален земјоделец, трговец поединец, трговско друштво, на возраст помеѓу 18-40 г. да не користеле помош од мерката 112;
- Мерка 121 – Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства (корисници-индустриски земјоделец, трговец поединец, трговско друштво, земјоделски задруги)
- Мерка 131 – Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење на земјоделска дејност. Ако жената учествува со 10-30%, се добиваат дополнителни 2 бода, доколку жените се застапени со повеќе од 30%, се добиваат дополнителни 3 бода. Ако се на возраст до 25 г. – 2 дополнителни бода, а доколку се млади управители до 40 г. дополнителни – 10 бода)
Картички за зелена нафта
ИПАРД-програма (2014 – 2020)
Мерка 1 – Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства –дополнителни 20 бода за земјоделски стопанства каде што носителки се жени или млади
Мерка 3 – Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибини производи –дополнителни 10 бода доколку носителки се жени
Мерка 7 – Диверзификација на фарми и развој на бизниси – дополнителни 10 бода се доделуваат доколку барателот на поддршката е жена
Земјоделството и руралните области значително се менуваат со достапноста на различни современи технологии. Денешната модернизација на економските активности вклучително и во земјоделството е неизоставно поврзана со дигиталната технологија. Дигиталната трансформација во земјоделството е потребно да се наметне како важен фактор во развојот и подобрување на конкурентноста на секторот и оттука потребата за стратешки пристап кој опфаќа зајакнување на врските помеѓу поширокиот АКИС, дигитализацијата и постојните советодавни услуги.
Пристапот до дигиталната технологија, особено пософистицираните решенија од областа на прецизното земјоделство и други дигитални апликации кои често се дизајнирани за поголемите бизниси е проблематичен за малите и средни стопанства кои не можат да овозможат негова профитабилна употреба. Нивната економија на обем, ограничените знаења за дигиталната технологија и претежно повозрасна категорија на која припаѓаат бара пристап кој одговара на таа состојба. Во минимизирање на дигиталниот јаз и подобро искористување на дигиталните новини ќе се вклучат советодавните услуги кои имаат доволно знаење и пристап до податоците за да помогнат на земјоделци кои не можат да бидат во чекор со новите технологии.
Идната улога на советодавните услуги на земјоделството треба да вклучува олеснување на учеството на земјоделците во иновативни проекти за дигитални технологии, како и обезбедување на тековна поддршка на земјоделците да се справат во зголемената важност на дигиталните технологии. Такви би биле користење на поедноставни и бесплатни решенија како open-source дигитални технологии и алатки достапни преку паметните телефони или платформи на кои на почетокот земјоделците ќе разменуваат мислења за идеи за дигитални иновации со цел да се дојде до заедничка и ефективна стратегија за земјоделска дигитализација. За да се максимизираат позитивните придонеси за земјоделството и руралните области што може да ги донесе дигитализацијата, потребен е сеопфатен пристап во комбинирање на поддршка за дигитализација на ниво на земјоделските стопанства и во опкружувачката околина. Постигнувањето на приоритетите во дигитализацијата на земјоделството во следниот период ќе биде стимулирана преку следниов сет на активности:
обезбеден целосен пристап до широкопојасен интернет во руралните средини;
подобрување на веб-базирани технологии за поддршка на донесување на одлуки кои придонесуваат за систематско следење и оптимизација на процесите, како што е Земјоделскиот пазарен информативен систем (во понатамошниот текст ЗПИС) за цените, ФАДН и други споредбени економски анализи, почвената мапа и агроеколошкото мапирање и др.,
зголемување на пристапот до податоци и транспарентноста на податоците, како и нивната следливост за земјоделците и потрошувачите. Како еден од поважните информации за земјоделците се статусот на исплата на мерките за финансиска поддршка за кој во следниот период ќе се овозможи слободен и едноставен пристап од страна на корисниците кон нивниот личнен профил за поднесени барања за поддршка
подобрување на достапноста на податоци за земјоделските политики што ќе се остварува преку редовна, најмалку квартална комуникација на МЗШВ со земјоделците за најважните промени во поставувањето и спроведувањето на политиките преку лиферување на електронски информативен билтен на е-маил адресата на земјоделците евидентирани во ЕРЗС или социјалните мрежи
воведување на прецизно земјоделско производство и преработка на земјоделски производи базирано на донесување паметни одлуки водени од податоци, роботика / механизација и IoT-решенија за поефикасно користење на ресурсите или воведување на нови системи за управување, што ќе придонесе кон економски поисплатливо производство
поблиска врска помеѓу производителите и потрошувачите преку дигитализација на агро-прехранбениот ланец на пр. користење блок-чеин технологија за зголемување на транспарентноста и следливоста на стандардите за квалитет со обезбедено кофинансирање на инвестициите кај сите учесници во вертикалната интеграција;
користење на дигитализацијата како алатка за поддршка на подобар СЗИЗ, особено за размена на знаење, обука и поддршка на советодавни услуги. Веб работилниците се покажаа како брзо и ефтино, но и сигурно средство за пренесување на знаење во услови на санитарна криза предизвикана од КОВИД 19, како и алатки за поддршка на одлуки во советодавните услуги;
меѓусебно поврзување и интегрирање на сите јавни податоци од слични области за подобрена јавна достапност на податоците и администрација на постапките. Во таа насока сите расположливи земјишни податоци (графички и алфанумерички атрибути на земјоделските парцели) ќе бидат поставени на една платформа и јавно достапни за корисниците од администрацијата, земјоделците и останатите заинтересирани страни во форма на „Интегриран систем за управување со земјиште“. Сличен пристап ќе се примени и кај Шумарскиот информативен систем
поедноставување на административните постапки спроведени преку веб апликации во делот на поднесување на барање за финансиска поддршка и започнување на постапка за огласување на слободно земјоделско земјиште во државна сопственост за закуп или продажба, итн.
користење на технологијата за да го подобри производство на овошје и зеленчук користејќи податоци од сензори, cloud-базирани системи за мониторинг и рано предупредување за контрола на штетници и болести;
воведување на нови методи за борба против болести кај земјоделските култури со употреба на алгоритми за откривање на болести, промовирање на подобрено знаење за методите на размножување и моделите на дисперзија на земјоделските култури и воведување системи за поддршка на одлуки за борба против некои болести на земјоделските култури;
подобрување на ефикасноста на управувањето со наводнување со помош на сензори, како и користење на сензори и анализа на податоци за подобрување на ефикасноста на третманот со ѓубрива заради зачувување на почвата;
промовирање и поддршка за користење на практики на електронска трговија, особено во услови на зголемени рестрикции во физичките контакти поради Ковид кризата, но и заради поповолна дистрибуција на вредноста преку намалување на бројот на вклучени посредници и
поддршка на иницијативи за воспоставување платформи за податоци во секторот земјоделство и храна поврзани со спроведување на политиката на уредување на пазарите кои ќе овозможат управување со податоците од пазарите на безбеден и транспарентен начин во рамките на дефинирани групи на учесници составени од деловни оператори, администрација, образовните и научни институциите
Погоренаведените инвестиции во материјални и нематерјални средства ќе бидат предмет на поддршка преку кофинансирање со зголемен интензитет во однос на останатите прифатливи трошоци. Со цел земјоделците да можат да користат дигитални советодавни алатки и ги стекнат потребните медиумски и технички вештини за дигиталната ера, овие области ќе бидат задолжителен дел од активностите на советодавниот систем преку специјални обуки и модули за образование за земјоделците и советниците и посебни советодавни пакети.
Во насока на стимулирање на дигитализацијата во земјоделството ќе се реализираат активности за подигнување на свеста и информирање за можностите, пред се во следниве неколку клучни области: прецизно земјоделство, едукација и обука за следната генерација и намалување на бирократијата со употреба на дигитални податоци и решенија. Процесот на дигитализација ќе биде придружен со соодветна примена на регулаторна рамка на стандарди за размена на податоци кои ги штитат сопственоста и приватноста на податоците, истовремено дозволувајќи развој на бизнисот.
Функционалниот Земјоделски информационен систем е неопходeн услов за планирање и следење на спроведувањето на политиките за земјоделство и рурален развој. Потребната правна, информатичка и процедурална основа и соодветни институционални капацитети се воспоставени во изминатиот период и кај добар дел од елементите на системот, во значителна мерка усогласени со европските регулативи.
Во Земјоделскиот информациски систем спаѓаат:
Мрежата за прибирање на сметководствени податоци од земјоделски стопанства;
Земјоделскиот пазарен информативен систем и
Земјоделските статистики.
Податоците потребни за анализа и следење на спроведувањето на земјоделската политика од различни релевантни извори ќе се интегрираат во воспоставениот систем на централна база на податоци (Data Warehouse) при МЗШВ. Размената на податоците помеѓу главните институции во системот (МЗШВ, АХВ, АФПЗРР, ДЗС и др) ќе бидат формализирани во меѓусебни договори со дефинирање на обемот и типот на податоците, начинот и фрекфенцијата на размена, меѓу другото имајќи ги во предвид и родово разделени податоци.
Мрежа за прибирање на сметководствени податоци од земјоделските стопанства
Заради обезбедување на микроекономски технички и сметководствени податоци на ниво на земјоделско стопанство потребни за анализа на економската ситуација во земјоделството е воспоставен функционален национален систем на континуирано истражување од репрезентативен примерок – Македонски ФАДН (ЕУ акроним). Прибирањето и обработката на сметководствени податоци е започнато на почетокот на 2010 година од примерок од 300 земјоделски стопанства дистрибуирани според нивната економска големина и тип на земјоделско производство. Во изминатиот стратешки период воведен е нов софтвер, подобрена е контролата на квалитетот на податоците и нивната примена за политиките. Опфатот и форматот на околу илјада прибрани сметководствени податоци од земјоделските стопанства за потребите на ФАДН се пропишани со нов правилник усогласен со актуелните барања на соодветната ЕУ Регулатива.
Во наредниот стратешки период е предвидено постепено зголемување на бројот на земјоделските стопанства вклучени во ФАДН примерокот, од постојните 750 на 1000- 1200 стопанства, со што понатамошно ќе се подобри репрезентативноста на примерокот. Зголемувањето на опфатот подразбира вклучување на поголем број на советници во прибирањето на податоците, нивна редовна обука (најмалку еднаш годишно) и зголемување на финансиските средства.
Земјоделски пазарен информативен систем
Покрај тоа што се неопходни за редовно следење на состојбата на пазарите на земјоделски производи за креирање на издржани интервенции на политиката, навремените и релевантни пазарни информации треба да ја зајакнат позицијата на производителите на пазарот за донесување на правилни одлуки за купопродажните активности и планирање на производството. Националниот Земјоделски пазарен информативен систем (ЗПИС) опфаќа селектирани групи на производи и репрезентативните пазари од кои репортерите редовно прибираат податоци за тргуваните цени и количини и го доставуваат до одговорното одделение во МЗШВ. Во следниот стратешки период системот ќе продолжи со редовно обезбедување и обработка на информации од пазарите и издавање на извештаји.
Со цел подобрување на квалитетот и релевантност на податоците и олесната достапност до корисниците, до крајот на 2022 година, ќе се спроведе истражување на целна група од производители, организации на производители и снабдувачи на репро материјали за употребата на податоците од системот во развојот на нивните деловни планови што ќе помогне во изготвување на нови упатства, план за промоција и за обука на корисниците на податоци и репортерите.
До 2025 година се планира регионално поврзување со сродните системи на западен Балкан и пошироко, а до 2027 година системот треба да биде компатибилен со ISAMM системот на ЕУ со што ќе се овозможи непречена размена на пазарни податоци и информации со унијата. За поддршка на овие активности се предвидува модернизирање на информатичката подлога на системот. Системот треба да се прилагоди кон процесот на поставување на информатички системи за следење на пазарите заради секторски интервенции согласно политиката за уредување на пазарите и да ги усогласи описот на производите по класи на квалитет согласно спроведените стандарди за минимален квалитет.
Земјоделски статистики
Формулирањето на соодветни политики базирани на докази и анализи во голема мерка зависи од достапноста и релевантноста на користените податоци. Затоа, како и во изминатиот период, континуираното подобрување на квалитетот на статистиките за растителното и сточарско производство, шумарството, водостопанството, земјоделската трудова и агро-монетарна статистика, вклучително Економските сметки за земјоделството, структурните статистики, како и статистиките за руралните средини, остануваат важна цел од заеднички интерес на сите вклучени институции, пред се на Државниот Завод за Статистика и МЗШВ.
Собирањето на податоците треба да овозможи:
редовно следење на земјоделските статистики и иницирање на активности за подобрување на нивниот квалитет,
усогласување на веродостојноста на исти податоците од различни извори;
административни и статистички, како и зголемено користењето на податоците од административните регистри за статистички потреби и каде што е можно усогласување на методологиите,
подобрена размена на статистички податоци помеѓу институциите, особено преку воспоставени онлајн платформи и
успешна организација на Пописот на земјоделство и други статистички операции од заеднички интерес.
Зошто е потребно?
Целта на осигурувањето не е да се избегне или да се елиминира ризикот, туку истиот да се пренесе во друштво за осигурување. Колку е поголем бројот на осигуреници кои се изложени на сличен ризик толку попрецизно друштвото за осигурување може да ги процени очекуваните штети, и, како резултат на тоа, да пресмета соодветна и поволна премија за осигурениците која претставува цена на осигурувањето.
За да се разбере што значи осигурувањето и како тоа функционира, најпрво е потребно да се разбере што претставува ризикот. Ризикот претставува можност или неизвесност од загуба. Можноста земјоделските култури да бидат оштетени или целосно уништени, и, како резултат на тоа, да биде загубен приходот од продажба на истите, претставува неизвесност од загуба. Постојат неколку методи за управување на ризиците кои може да предизвикаат загуба:
Ризикот може да се избегне!
Речиси е невозможно да се избегнат сите ризици, особено кога станува збор за земјоделски култури чие производство е под директно влијание на временските услови.
Ризикот може да се намали!
Доколку посевите и плодовите се одгледуваат во оранжерии, земјоделецот ќе го намали ризикот ако инсталира пластични фолии на пластениците притоа знаејќи дека истите е потребно редовно да се обновуваат. Но, намалувањето на ризикот не значи и негово целосно отстранување.
Ризикот може да се задржи!
Земјоделецот може целосно или делумно да задржи дел од ризиците, намерно или ненамерно. Но, оваа постапка би можела да резултирала со финансиски последици за земјоделецот, доколку се случат некои од ризиците.
Ризикот може да се пренесе!
Еден од начините за пренос на ризикот е осигурувањето. Осигурувањето има витална улога како во општествениот така и во приватниот живот на луѓето. Тоа овозможува намалување на несигурноста поврзана со неизвесни настани кои може да се случат во иднина и да предизвикаат безброј економски опасности. Со купување на осигурувањето, земјоделците ризикот ќе го пренесат на друштво за осигурување.
Кој може да продава полиса за осигурување?
Друштво за осигурување
Со цел да го заштитат приходот од производство и продажба на земјоделски култури од ризици кои во најголем дел се резултат на променливите временски услови, земјоделците можат овие ризици да ги пренесат во друштво за неживотно осигурување со тоа што ќе купат полиса за осигурување на земјоделското производство. Работењето на друштвата за осигурување во Македонија е регулирано со Законот за супервизија на осигурување, а надлежен орган за контрола на истите е Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Освен во друштвата за осигурување, во седиштето или во нивните експозитури, полиса за осигурување исто така може да се купи преку:
Осигурително брокерско друштво
Осигурително брокерско друштво е правно лице кое има дозвола од АСО за продажба на полиси за осигурување во име и за сметка на повеќе друштва за осигурување.
Друштво за застапување во осигурување
Друштво за застапување во осигурување е правно лице кое има дозвола од АСО за продажба на полиси за осигурување во име и за сметка на едно друштва за осигурување.
Што е предмет на осигурување во земјоделството?
Што може да биде предмет на осигурување зависи, пред се, од дејноста што ја врши земјоделецот и земјоделските култури кои ги одгледува. Земјоделецот, имајќи ги предвид ризиците кои претставуваат опасност за неговото производство, може во договор со осигурувачот да избере кои култури, во која количина и во кој временски период ќе бидат осигурени.
Примери:
Ако земјоделецот одгледува коноп – стебло за производство на семе, може да се осигура само семето. Но, доколку посебно се договори осигурувањето, може да го опфати и стеблото;
Доколку земјоделецот произведува тутун, може да биде осигуран листот на тутунот од денот на расадување на тутунот, па до завршување на бербата, а најдоцна до крајниот рок за откуп на тутунот. Но, доколку се произведува за семе тогаш дополнително може да се договори и осигурување за семето.
Земјоделецот кој одгледува овошни насади (овоштарници) и лозја во род, кај овошјето може да го осигура стеблото а кај лозјата пенушките.
Кои ризици се покриени со осигурувањето на земјоделското производство?
Кои ризици ќе бидат покриени со полисата за осигурување зависи пред се, од потребата на земјоделецот. Во договор со осигурувачот може да се договори осигурително покритие кое е најсоодветно за земјоделецот. На пример, може да се договори осигурително покритие со кое:
Осигурувачот ќе биде во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите предизвикани со оштетување или уништување на осигурените посеви и плодови, во услови кога плодовите се неожнеани, односно несобрани, од еден или комбинација на следните ризици: град, мраз, пожар, гром, луња, поплава, снег и др.
Осигурувачот ќе биде во обврска да плати надоместок за осигурување за штети кои ќе настанат со загуба на квалитет кај посевите и плодовите за производство на семе, овошје, од еден или комбинација на следните ризици: град, мраз, пожар, гром, луња, поплава, снег и др.
Осигурувачот ќе биде во обврска да плати надоместок од осигурување за штетите кои се опфатени со осигурување на тутун од еден или комбинација на следните ризици: град, пожар, гром, луња, поплава, снег, мраз и др.