Позначајни штетници во градинарското прозводство и примена на интегрална заштита за контрола на бројноста на нивната популација

Myzus persicae Sulz. – Зелена праскова вошка

(Homoptera: Aphididae)

Морфолошки опис. Бескрилните вошки се со округла форма на телото, зелени или жолтеникави до црвенкасти по боја, долги околу 2mm. Крилатите форми имаат темна глава, жолто – зелен абдомен со црни до темно зелени хоризонтални линии. Големината на телото им е од 1,9 до 3,3mm.

Зелена праскова вошка – Мyzus persicae Sulz.

Биолошки развој. M.persicae е хетероцикличен вид. Презимува во стадиум јајце (сјајно црно) на праската, поретко на сливата. На пролет, на праската се развиваат неколку генерации бескрилни женки. Во средината на мај се јавуваат крилатите женки кои прелетуваат на летните култури (компирот, грашокот, спанаќот, гравот, пиперката, морковот, зелковите култури, тутунот, пченката и др. летни домаќини). Во заштитените простори развојот на зелената праскова вошка е партеногенетски. Во летниот период доаѓа до влегување на единки однадвор.

Значење и штетност. Зелената праскова вошка напаѓа повеќе од 400 растителни видови. Во заштитен простор вошките се развиваат на краставица, пиперка и салата. Возрасните и ларвите шмукаат сокови од листовите, папките и цветовите, при што лачат обилна количина на медна роса на која се населуваат габите чадливки. Вошката е распространета насекаде, а посебно таму каде што има многу насади со праска, кои се нејзини зимски домаќини. Штети прават и ларвите и имагата, со шмукање на сокови од растенијата, но повеќе значајни се индиректните штети. При одгледување пиперка на отворено, најважен проблем се вирозите. Зелената праскова вошка пренесува преку 180 вируси, што е посебно опасно за семенските насади. Вошките причинуваат и значајни директни штети и затоа се сметаат за едни од најзначајните штетници на пиперката. По долетувањето на првите крилати форми на пиперката, обично по 5-10 дена, се јавуваат првите колонии. При поволни климатски услови, 10-15 дена после населувањето може да дојде до градација.

Напад на пиперката од зелената праскова вошка

Мерки за контрола. Треба да се уништуваат плевелните растенија кои се домаќини на лисните вошки. Потребно е превентивно да се прскаат растенијата при производството на расад, за растенијата да бидат без вошки (посебно на зелената праскова вошка). Се употребаат селективни инсектициди кои нема да им пречат на развојот и размножувањето на предаторите и паразитите. Инсектицидите треба да се користат при појава на крилатите единки или нивните потомци. Се смета дека појавата на вошката е слаба ако се населени 10% од растенијата, средна кога се населени 10-20% од растенијата и јака кога се населени над 20% од растенијата. Динамиката на популацијата на лисните вошки може да се следи со жолти водени садови.

Хемиското третирање треба да се изврши во време на интензивно населување на насадите, а критичен број претставува 20% населени растенија. За сузбивање на вошките на пиперката и доматот, се користат препарати на база на: спинозини, пиметрозини, неоникотиноиди, фенилпиразоли, пиретроиди, карбамати, органофосфорни инсектициди. Во развиените земји за оваа намена се користат и еколошки многу прифатливи инсектициди, како што се препаратите на база на пиметрозин, пиримикарб, фосалон и калиумов сапун. Во Германија, за сузбивање на вошките, се применуваат инсектициди на база на масло од маслодајна репка.

За биолошко сузбивање на зелената праскова вошка во заштитени простори, со многу добар успех се користат и паразитите Aphidius matricariae и Aphidius colemani, како и предаторската мушичка Aphidoletes aphidimyza. За помал напад на вошката придонесува и покривањето на насадот со заштитна мрежа од инсекти, во периодот на миграција на крилатите форми. Прихранувањето на растенијата со азотно ѓубре треба да биде оптимално, за да не се создаваат поволни услови за интензивно размножување на вошката.

Epitrix hirtipennis – Тутунска лисна болва

(Coleoptera: Chrysomelidae)

Морфолошки опис. Имагото има темнокафена боја на телото, со метален сјај.Тоа е со големина од 1,5 до 3mm. Јајцето е бело, издолжено и со заострен врв на едната страна. Ларвата е белузлава, со темна глава и со лажни абдоминални нозе на последниот сегмент. Таа е долга 4 – 5 mm.

Биолошки развој. Тутунската лисна болва презимува во стадиум имаго, под растителните остатоци. Презимените имага се активираат напролет. Ги напаѓаат плевелите и другите културни растенија од фамилијата Solanaceae (меѓу кои и тутунот во леите или штотуку расадениот тутун на нива). Јајцата ги полага околу коренот на растенијата. Ембрионалниот развој трае околу 7 дена. Испилената ларва се вдлабува во коренот и стебленцата, правејќи канали со својата исхрана. Ларвениот развој трае 4-5 недели. Се кукли во почвата, а стадиумот кукла трае од 4 до 7 дена. Нападот на тутунската болва е можен во текот на целата вегетација на културите. Во есен имагата бараат погодни места по тутунските полиња и другите растенија кои ги напаѓа или под растителните остатоци, каде што одат на презимување.

Оштетувања на лист предизвикани од тутунската лисна болва

Значање и штетност. Тутунската лисна болва е олигофаген вид. Се храни со видови од фамилијата Solanaceae (тутун, домат, компир, модар патлиџан, пиперка, како и со штир, слачец и други плевели). Штетни се и ларвите и имагата. Имагата прават мали дупчиња заради што листовите добиваат сребрен сјај и се загадени со екскременти од штетникот. Отворите на листовите претставуваат влез на голем број на патогени микроорганизми. Ако е нападнат расадот, тогаш таквите растенија тешко се адаптираат по расадувањето и угинуваат. Штетите се особено изразени при суво и ветровито време. Ларвите се хранат на подземните делови на растенијата, при што прават ходници низ коренот и стеблото. Штетите се поизразени кај помладите растенија. Тутунската болва се јавува и како вектор на вируси.

Мерки за контрола. За следење на штетникот во текот на вегетацијата, се препорачуваат методите: визуелен преглед, жолти водени садови, жолти лепливи плочи во расадот. За намалување на бројноста на тутунската болва потребно е да се преземат низа агротехнички мерки: уништување на растителните остатоци околу леите за производство на расад и растителните остатоци на нива, покривање на леите, плодоред (се препорачуваат житни култури или сончоглед). Доколку се утврди присуство на штетникот над економскиот праг на штетност кој изнесува 8 имага/растение во фаза на расадување и 62 имага/растение во вегетацијата, се пристапува кон хемиска контрола на  штетникот. За таа цел се употребуваат препарати на база на: спинозини, инсектициди на база на микроорганизми – антибиотици, неоникотиноиди, фенилпиразоли, пиретроиди, карбамати, органофосфорни инсектициди.

Tuta absoluta Meyrick – Минер на доматот

(Lepidoptera: Gelechidae)

Морфолошки опис. T. absoluta е мала пеперутка со големина на телото од 7 до 10 mm, со распон на крилјата од 8 до 10 mm. Пеперутката по боја е сребреносива со темни точки на предните крилја. Јајцата се цилиндрични, кремасто бели до жолти, долги 0,35 mm. Гасеницата, зависно од развојниот степен, е долга 0,5-9 mm. На почетокот е жолтеникава, подоцна станува зеленкаста, за на крај на грбот да ѝ се појави црвенкаста нијанса. Има темна глава и изразена црна линија на првиот граден сегмент. Куклата е долга од 4 до 5 mm, на почетокот е зеленкаста за подоцна да добие кафеава боја.

Биолошки развој. Во зависност од условите на средината минерот на доматите презимува во сите развојни стадиуми: јајце, ларва, кукла или имаго. Имагото е активно ноќе, а дење се крие меѓу листовите на доматите. Женката може да положи од 250 до 300 јајца. Јајцата ги полага на сите растителни делови. Ембрионалниот развој трае од 4 до 5 дена. Испилената ларва се вдлабува во листот, стеблото или плодот на доматот, особено во зелените плодови. На листот прави мини. Мините на T. Аbsoluta се спојуваат и прават пошироки мини – галерии. Во мините се гледа црна испрекината линија од измет на ларвата. Ако имаат доволно храна ларвите не навлегуваат во дијапауза. Во стеблото или во плодовите ларвите прават ходници, ги загадуваат со измет и ги напуштаат, но заради штетите доаѓа до брзо пропаѓање на истите. Ларвениот стадиум трае 12-15 дена. Откако ќе ја заврши својата исхрана, се кукли во мините, но многу почесто ги напушта нападнатите растителни делови и се кукли во почвата или на површината од листовите. Куклењето трае 10-15 дена. Вкупниот развој може да заврши за 24-35 дена. Минимална температура за нејзин развој е 9°С. Минерот на доматите има 10-12 генерации годишно.

Значање и штетност. Tuta absoluta е полифаг. Најголеми штети прави на доматот одгледуван на отворено или во заштитени простори. Регистриран е и на компир, модар патлиџан, тиквички, грав, тутун, како и на плевели од фам. Solanaceae (Solanum nigrum, Datura sp.)

Штети кај доматот предизвикани од Tuta absoluta

Мерки за контрола. Како најдобар метод за следење на минерот кај доматите е поставувањето на феромонските мамки, подготвени со водени садови и сина светлина. За намалување на бројноста и штетите од ларвата на минерот кај доматите, потребно е да се преземат низа мерки: плодоред со култури од други фамилии, обработка на почвата, мулчирање на почвата со фолија, силни вентилатори на влезовите во затворените простори, мрежа на сите отвори во заштитените простори, масовно ловење со феромонски мамки (30-40 сада на 1 ha), жолти лепливи ленти во насадите, лепливи ленти на површинскиот почвен слој, лепливи ленти на најлоните или стаклата во заштитените простори. За биолошки мерки се користат предаторски стеници Nesidiocoris tenuis Reuter и Macrolophus pygmaeus Rambur (Heteroptera: Miridae), како и паразитот Bracon nigricans L. (Hymenoptera: Braconidae).

Хемиски мерки против минерот на доматите се врши со третирање со инсектициди на база на: спинозини, неоникотиноиди, пиретроиди, оксадиазини, IGR инсектициди, препарати на база на Bacillus thuringiensis, подржувачи на јувенилниот хормон, антранилични диамиди, органофосфорни инсектициди. Третирањето во текот на вегетацијата на доматот треба да се извршува со честа промена на инсектицидите со различен механизам на дејство.

Ostrinia (=Pyrausta) nubilalis Hbn. – Пченкин пламенец

(Lepidoptera: Pyralidae)

          Морфолошки опис. Видот се одликува со полов диморфизам. Женката е покрупна и посветла од мажјакот. Должината на телото на женката изнесува околу 15mm, распон на крилја 25-30 mm. Бојата на телото и крилјата кај женката се бледожолти со кафени искривени линии на предните крилја. Мажјаците се светло кафеани, со жолти напречни линии. Гасеницата е долга до 25 mm, бледо жолти до жолтеникаво – розеви. На грбната страна на секој сегмент од абдоменот имаат по 4 темни плочки, кои изгледаат како точки.

          Биолошки развој. Пченкиниот пламенец има една генерација, меѓутоа во последната деценија се развива и втора, така што покрај нормалниот лет во пролет, (крајот на мај и почетокот на јуни), постои и лет во лето (крајот на јули и почетокот на август). Презимува во стадиум гасеница, во канал, најчесто во стеблото на пченката или во почвата во остатоците од пченката. Каналот е добро затворен и гасеницата може да издржи температура до -50°С. Напролет преминуваат во стадиум кукла, подоцна и во имаго. Пеперутките се добри летачи. Летаат ноќе, при што се шират во просторот, доаѓаат до добро развиените растенија и бујната вегетација. Женката ги полага јајцата на опачината од листовите, од горната половина на растенијата. По пилењето, гасеницата првите 15-20 дена се задржува на лисниот ракавец на пченката или на горните делови од растенијата. Во тој период гасеницата, хранејќи се, прави ситни отвори со неправилен облик. Потоа се вдлабуваат во стеблото и кочанот каде што продолжуваат со исхраната и развојот. Штетите кои ги прави на листовите не се економски значајни. Симптомите на листовите укажуваат на нејзиното присуство. Развојот на гасеницата трае 3-5 недели. По тој период, мал дел од гасениците мируваат, презимуваат, а поголем дел од гасениците поминуваат во стадиум кукла и пеперутки на новата генерација. Оплодената женка од пченковиот пламенец, освен на пченката, полога јајца и на други растенија, посебно на пиперката. Првите јајни легла се забележуваат дури во втората половина на летото. Развојот продолжува, ларвите се исхрануваат и возрасната гасеница презимува.

Ларва на пченкиниот пламенец во плод од пиперка

          Значање и штетност. Пченковиот пламенец е полифаген вид кој се храни со над 200 растителни културни и диви растенија. На пиперката, гасеницата од пченковиот пламенец се вдлабува покрај дршката во плодовите. Местото каде што гасеницата се вдлабува многу тешко се препознава. Таа остава ситни отвори и брашнаст измет. Се храни со семето и внатрешноста на плодот. На некои места како резултат од исхраната на плодовите останува само покожицата. Бидејќи внатрешноста на плодот е загадена со изметот од гасеницата, доаѓа до развој на фитопатогени микроорганизми кои предизвикуваат гниење на плодовите. Тие стануваат неупотребливи, како за свежа исхрана, така и за преработка во конзервната индустрија. Младите плодови од пиперката, како резултат од присуство на гасеницата, паѓаат на почвата додека постарите остануваат на растенијата. Често во пракса, се случува, при нападот, штетите од гасеницата на пченковиот пламенец да достигнат и до 50%.

          Мерки за контрола. За намалување на бројноста на пченковиот пламенец треба да се спроведат агротехнички мерки: длабоко заорување на остатоците од пченката и жетвените остатоци од другите култури каде што штетникот презимува; при одгледување на пиперка да се избегнува како предкултура да биде пченка; треба да се запазува што поголема просторна изолација, површините со пиперка да бидат што подалеку од површините со пченка.  Правилно хемиско третирање е возможно само со следењето на летот на пеперутките со ловни ламби или со феромони. На пиперката првото третирање се изведува на 7-10 дена после почетокот на летот на втората генерација, односно во средината или крајот на месец јули. За хемиско уништување на пченкиниот пламенец се користат препарати на база на пиретроиди и ацефати. Билошко третирање се извршува со примена на препарати на база на паразити (Tricohogramma evanescens) и биоинсектициди на база на бактеријата Bacillus thuringiensis var.kurstaki.

Trialeurodes vaporariorum Westw. – Оранжериска белокрилка

(Homoptera: Aleurodidae)

Морфолошки опис. Белокрилката има два пара крилја и е со големина од 2 mm. По боја е жолтеникава, покриена со бела восочна превлака, слична на брашно, што ја штити од високи температури и многу влага. Ларвите се светло зелени, плоскати и исто така покриени со восочна превлака. Големината на ларвите е до 0,8 mm. Јајцата се ситни и по форма вретеновидни. Тие се тешко видливи со голо око. Штотуку снесените јајца се со млечно бела боја, а подоцна поцрнуваат. Јајцата се прицврстени за површината на листот со една мала дршка.

Биолошки развој. Белокрилката најчесто се наоѓа на долната страна на врвните листови. При вознемирување брзо се сели од растение на растение. Може да прелета растојание и преку 10 m. Оплодената женка, веднаш по вториот ден од појавата, започнува да полага јајца и тоа на долната страна на најмладите листови. Во текот на животот женката полага вкупно околу 200 јајца. Од положените јајца се развива ларва. Таа е плоската по форма, покриена со восочна превлака. Превлаката со стареење на ларвата станува се подебела. По пилењето ларвите во почетокот се подвижни, потоа ги губаат нозете и остануваат прицврстени на опачината од листовите, шмукајќи растителен сок, сѐ до појавата на имагата од новата генерација. Високата температура на воздухот и високата воздушна влага го забрзуваат развојот на овој штетник. Во оранжериско производство белокрилката се развива непрекинато, давајќи генерација по генерација. На температура од околу 20 ºС целокупниот развој трае 30 дена, а на 25º развојот трае 20 дена. Во текот на летото кога температурите се високи, белокрилката излегува од пластениците и стаклениците и се населува на разни културни и плевелни растенија. На нив се размножува и останува до есента. Кога ќе се намалат температурите белокрилката се враќа во заштитените простори. Може да развие 10-12 генерации годишно.

Штети кај пиперката предизвикани од оранжериската белокрилка

Значење и штетност. Оранжериската белокрилка е полифаген вид. Се храни на многу културни растенија и плевели, а најмногу штети причинува на доматот, краставицата, пиперката, разни видови грав, тикви и цвеќе. Скоро сите стадиуми се штетни. Цицаат сокови од растенијата, како резултат на што тие ја губат нормалната зелена боја, слабеат и жолтеат. При посилен напад листовите пропаѓаат, при што се сушат и цели растенија. Прекумерните количини несварен растителен сок богат со шеќери, белокрилките го лачат во вид на медна роса. Медната роса се разлева по долните листови и плодови и е одлична подлога за развој на габата „чадливка“, како резултат на што листовите поцрнуваат и се помалку продуктивни, а плодовите се валкаат и пред продажба треба да се чистат и бришат, што го поскапува производството.

Мерки на контрола. Контролата на овој штетник е особено тешка поради истовременото присуство на сите развојни стадиуми на растенијата. Најдобри резултати дава комбинацијата од сите расположливи мерки (превентивни, механички, агротехнички, биолошки и хемиски). Заштитата само со хемиски мерки во почетокот можеби и ќе даде добри резултати, но набрзо потоа ќе се јави појава на резистентност кон користениот инсектицид. Со цел рационално и еколошко сузбивање, посебно внимание треба да се обрне на мерките на хигиена во стаклениците и околу нив.

На почетокот и во текот на секој турнус на производство треба да се придржуваат следните мерки:

  • Пред сеидба или садење стаклениците мораат да бидат апсолутно чисти, без растенија, при што се препорачува и загревање на празниот простор во траење од 5 до 8 дена на температура од 25 °С, на кој начин би се уништиле сите стадиуми од штетникот.
  • За садење треба да се користи само здрав расад, кој не е населен со штетници.
  • Ако сами го произведуваме расадот, пред расадувањето, треба да се третира со соодветни инсектициди (2 – 3 пати во интервали од 2 до 5 дена).
  • Плевењето треба да се врши редовно, а плевелите треба веднаш да се фрлаат и уништат заедно со појако заразените култури и другите непотребни растителни делови.
  • По расадувањето, пожелно е да се постават жолти лепливи плочи кои ги привлекуваат и на кои се лепат имагата. Со нивна помош се открива раната појава. Во зависност од нивниот број во објектите, може да послужат и за сузбивање, намалувајќи го бројот на хемиските третирања. За утврдување на појавата на штетникот, што е сигнал за почеток на првото третирање, доволно е во објектите да се постават десетина плочи. Тие плочи првенствено се поставуваат во близина на влезот и на југоисточните делови на објектот. Со цел намалување на бројноста на штетникот и бројот на хемиските третирања, се поставуваат по 20 плочи на 100 m2, односно по 1 леплива плоча на 5 m2. Тие ја задржуваат ефикасноста околу 2 месеци, па и подолго и се поставуваат секогаш да бидат во висина на растенијата. Плочите ја откриваат појавата и на другите опасни штетници како што се лисните минери, лисните вошки и други.

Хемиското третирање е ефикасно и оправдано, само ако се изведува во комбинација со претходно споменатите мерки. Првото третирање се изведува штом се регистрираат првите белокрилки на жолтите плочи или ако со протресување на 100 растенија се забележи едно имаго од штетникот. Протресувањето на растенијата треба да се изведува на секои три дена. Ако се утврди штетник, во почетокот доволни се 2 – 3 третирања, во интервал од 3 до 5 дена. Подоцна третирањата се изведуваат по потреба.

За хемиско уништување на белокрилката се препорачуваат средства со поволни токсиколошки својства, особено ако се применува биолошка контрола. За таа цел се користат препарати на база на: спинозини, пиметрозини, регулатори на пораст – IGR (Insect Grow Regulators) неоникотиноиди, пиретроиди, карбамати, фенилпиразоли, органофосфорни инсектициди. Во најново време сѐ повеќе се користат селективни – еколошки прифатливи инсектициди, како што е пиметрозин и калиумов сапун, како и маслото од маслодајната репка. Тие особено успешно се комбинираат со биолошките мерки за контрола на бројноста. Секое третирање треба да се изведува со инсектициди од различни хемиски групи. При третирањето особено треба да се внимава на покривање на опачината на листот со препаратот, затоа што таму најмногу се задржува штетникот.

За да се избегнат негативните последици од примената на инсектицидите при сузбивањето на штетникот, денес во многу земји во светот, особено во развиените, се врши биолошка контрола на популацијата на штетникот со помош на паразитската осичка Encarsia formosa. Се користат и некои предаторски стеници (Macrolophus caliginosus) како и други паразити.

Frankliniella occidentalis Pergan. – Калифорниски трипс

(Thysanoptera: Thripidae)

Морфолошки опис. Калифорнискиот трипс е многу мал инсект. Мажјакот е со големина околу 1 mm, а женката 1,4 mm. Формата на телото е издолжена, со два пара проѕирни крилја обраснати со ресички. Бојата на возрасните инсекти варира од светлокафеава до жолтеникава во текот на летото. Во есен и во текот на пролетта се среќаваат примероци со многу темна боја. Ларвите се поситни од имагата, бескрилни и посветли, понекогаш по боја се зеленкасти. Нимфите се црвеникави со црвени очи. Јајцата имаат проѕирен изглед. Тие се бисерно бели по боја, овални или бубреговидни. Јајцата се долги 0,2 mm и  не можат да се видат со голо око.

Биолошки развој.Калифорнискиот трипс наоѓа поволни услови за развој во заштитените простори. На 15°С развојот трае околу 44 дена, на 20°С трае околу 22 дена, а на температура од 27°С развојот завршува за само 14 дена. Поради развлечениот период на населување на растенијата доаѓа до меѓусебно мешање на генерациите. Истовремено на растенијата се присутни сите развојни стадиуми од штетникот. Ова значително ја отежнува борбата против овој штетник. Оплодената женка со легалицата го положува јајцето во паренхимот на младите листови, цветови и плодови. По 3-4 дена се пилат ларвите. Тие поминуваат низ 4 ларвени степени. Во првите два ларвени степени интензивно се хранат, третиот развоен степен е пронимфа, а четвртиот е стадиум нимфа. Потоа тие се спуштаат по растенијата на површината на почвата или остануваат во скриените делови на цветовите сѐ до преобразбата во возрасни инсекти од новата генерација. Во текот на една година калифорнискиот трипс може да има и до 15 генерации. Во заштитен простор нападот од овој трипс може да започне уште во месец февруари. На отворено се развива во текот на летните месеци.

Оштетувања на лист од салата и плодови од пиперка предизвикани од калифорнискиот трипс

Значење и штетност. Овој штетник напаѓа и оштетува околу 140 растителни видови, како културни така и плевелни. Главните штети настануваат во заштитените простори, а во текот на летото, и на растенијата во поле и блиската околина на објектите. Најголеми штети настануваат на плодовите на зеленчукот, како што е пиперката и краставицата, а значително помалку го оштетува доматот. Покрај овие ги оштетува и келерабата, зелката, патлиџанот, салатата, разни видови грав и др. Приносите може да бидат значително намалени, на пример кај краставицата и до 70 %. Покрај директните штети од квантитативна и квалитативна природа, овој вид пренесува и многу опасен вирус – бронзавост на доматот (Tomato spotted wilt virus).

Во почетокот овој штетник тешко се забележува на нападнатите растенија. Ларвите и возрасните единки се хранат шмукајќи растителни сокови од опачината на листот, поради што на лицето на лисјата доаѓа до појава на неправилно расфрлени сребренасти до белузлавожолти пеги. Тие во почетокот се многу ситни, а потоа меѓусебно се спојуваат и стануваат се поголеми и поголеми, зафаќајќи ја целата површина. Таквите листови се сушат и остануваат да висат на растенијата.

Исто така, трипсите во голем број се сретнуваат и во цветовите. Така на пример, во само еден цвет од пиперка во текот на летните месеци може да се најдат и до десет единки. Во цветовите се хранат со полен и негативно влијаат на оплодувањето и формирање на квалитетни плодови. Така, на пример, кај пиперката при основата на штотуку формираните плодови и чашки, подоцна како што плодовите растат, на местата на убодите од исхраната на трипсот што ги направил доаѓа до некроза и деформација. Тие остануваат ситни, деформирани и со некротични пеги на површината. Постојат разлики кон осетливоста на сортите на овој штетник. Сортата „Шорокшар“ се смета за многу осетлива. Опасност од овој трипс постои уште кај производството на расад.

Мерки за контрола. Од исклучително значење за производтсвото на растенијата е на било кој начин да се спречи долетување и населување на овој штетник на растенијата. Ова се постигнува со поставување на мрежи за инсекти, со отвор од 0,25 mm, на можниот влез на крилати форми, и, садење на исклучиво здрав саден материјал. По расадувањето треба да се следи појавата на штетникот со поставување на сини лепливи ленти и со редовен преглед на растенијата. Сините ленти го привлекуваат трипсот и во почетокот треба да се поставуват во близина на влезовите на објектот, а подоцна тие рамномерно се распоредуваат по цела површина. Помал број мамки се употребуваат за откривање на појавата, а поголем број дури и за уништување на овој штетник. Долните делови на мамките треба секогаш да го следат врвот на растенијата. Со пораст на растенијата треба да се менува и нивната положба. Поставените сини лепливи ленти се прегледуваат еднаш неделно, па и почесто, а кога ќе се утврди присуство на штетникот потребно е да се преземат мерки за заштита. Истовремено со сините, во објектите треба да се постават и жолти лепливи ленти, со што навреме би се утврдила појавата и на други значајни штетници (останати видови трипси, белокрилката, лисните минери, лисните вошки и др.).

          По појавата, уништувањето на трипсот се изведува со хемиски и биолошки мерки. Инсектицидите кои се користат за контрола на калифорнискиот трипс се на база на: спинозини, пиметрозини, пиретроиди, неоникотиноиди, фенилпиразоли, карбамати, органофосфорни инсектициди.  Многу подобра ефикасност на препаратот се постигнува ако се примени топло, но уште подобро ладно замаглување. Препаратите на база на дихлорвос треба да се користат исклучиво за замаглување на просторот над растенијата, бидејќи предизвикуваат фитотоксичност, особено на краставиците. Само во добро затворените стакленици, препаратите на база на сулфотеп се употребуваат за зачадување (задимување). При прскање треба да се користи поголема количина вода, со што би ги зафатиле и лицето и опачината на листот. По 4 – 7 дена после првото, би требало да се изведе и второто третирање. За сузбивање на трипсите на отворено се користат препарати на база на малатион кај пиперката и диметоат (воопшто кај зеленчукот), како и препарати на база на диазинон, бифентрин и други пиретроиди. За одложување на проблемот со резистетнтност на калифорнискиот трипс се препорачува антирезистентна стратегија, односно често мешање на препарати со различни активни материи, кои имаат различен механизам на дејство.

          Резистентност на калифорнискиот трипс спрема некои инсектициди понекогаш се случува многу брзо, така што хемиското третирање секогаш не дава добри резултати и често доведува до пренамножување на овој штетник. За да се избегне оваа појава се препорачува биолошка контрола со предаторски пајачиња и корисни инсекти, кои со својата исхрана ја одржуваат бројноста на трипсот на толерантно ниво. Со биолошка контрола треба да се започне кога ќе се утврди почетокот на нападот на растенијата. Тогаш во објектот се внесуваат предаторските пајачиња (Amblyseius cucumerIs и Amblyseius berkeri). Доколку се претпостави дека има трипс, тогаш пајачињата треба да се внесат и порано, околу 10 – 14 дена по расадување на растенијата. Едно пајаче во текот на денот уништува 3 – 5 ларви од трипсот. Се внесуваат 25 – 50 пајачиња по m2. Доколку постои потреба после 2 – 4 недели постапката се повторува. Предаторските пајачиња се најактивни на температура од околу 22°C и при релативна влажност на воздухот од 70 до 80 %. Овие корисни предатори треба да се употребуваат рано напролет. Подоцна, посебно во текот на летните месеци, со опаѓање на релативната влажност на воздухот во објектите (под 65 %), развојот на корисните пајачиња престанува, па со тоа и уништувањето на трипсите.

Во такви случаи, ако и понатаму има потреба за сузбивање на трипсот, се внесуваат и се распоредуваат други предатори како што се предаторските стеници (од видот Orius) или златооката Chrysoperlа carnea. Овие корисни инсекти, освен трипсот, уништуваат и други штетници, како што се лисните вошки и штетните видови пајачиња. Стениците се внесуваат во количина од 0,5 до 1 примерок на m2, а понекогаш во жариштата и до 10 примероци по m2. Ларвите на златооката, во зависност од големината на нападот на трипсот, се внесуваат од 5 до 20 примероци по m2 и тоа секоја недела додека има потреба.

          За помала бројност на калифорнискиот трипс во заштитените простори, исто така придонесува и отстранувањето и уништувањето на растителните остатоци по завршување на циклусот на производството, обработка и дезинфекција, односно дезинсекција на почвата, садење на здрав саден материјал, како и повремено премачкување мулч фолија со инсектарски лепак околу растенијата во текот на вегетацијата.

Liriomyza bryoniae (Kalt.) – Лисен минер

(Diptera: Agromyzidae)

          Морфолошки опис. Имагото е со црна боја на телото, со жолт штит и жолти шари на абдоменот, долго од 1,7 до 2,2 mm. Ларвата е светложолта, ацефална. По пилењето е долга околу 0,5 mm  и достига до 3 mm како возрасна ларва. Ларвата има три степени на развој. Куклата е сферична, со жолта, темнокафеава или црна боја. Таа е долга 3-4 mm.

          Биолошки развој. Во текот на годината лисниот минер развива поголем број генерации (4-6), посебно во стаклениците, при поволни услови (температура, влага и храна). Презимува во стадиум кукла, под растителните остатоци или на површинскиот слој на почвата. При овопозицијата женката дополнително се исхранува со растителен сок. Јајцата ги полага со легалицата под епидермисот на листот, при што го повредува лисното ткиво. По пилењето ларвата веднаш почнува со исхрана од паренхимот, правејќи ходници, т.н. мини. Возрасната ларва го напушта листот и паѓа на површината на почвата каде што преминува во кукла.

          Значење и штетност. Овој вид е многу полифаген и е значаен штетник на градинарските култури, посебно на доматот, пиперката и краставицата. Оштетувањата на лисјата ги прават женките во период на исхраната и овипозицијата, кога со легалицата го пробиваат епидермисот, поради што на лисјата се јавуваат бели пеги. Главните оштетувања и штети ги прават ларвите хранејќи се со паренхимот на листот, под горниот епидермис. Во таа прилика формираат кратки змијолики мини со бела боја, во кои екскрементите се распоредени во вид на испрекинати траки со темнозелена боја. Ваквите оштетувања ја смалуваат асимилационата површина на листот, па во присуство на поголем број на мини листот се суши, што негативно се одразува на понатамошниот развој на растенијата. Штетите се посебно големи во почетните фази на развој на растенијата, кога ларвите поради недоволно храна која ја наоѓаат во котиледоните листови, преку лисните дршки и стебла преминуваат на друг и трет лист, па може да настапи сушење на цело растение.

Мерки за контрола. Со отстранување на првите нападнати лисја и уништување на делови и остатоци од нападнатите растенија, може да се спречи ширење на нападот. Во стаклениците и пластениците може да се користат жолти лепливи ленти кои ги привлекуваат мувите, па со нивна помош се следи и динамиката на летот, а и со ловењето на мувите се намалува нивниот број.

Хемиска контрола се применува во повеќе наврати (секои седум дена) во периодот на летот на мувите. Веќе со две третирања може да се постигнат добри резултати. Се употребуваат препарати на база на: спинозини, IGR препарати, оксадиазини, перетроиди.

Оштетувања кај доматот предизвикани од лисниот минер

          Со оглед на тоа дека овој вид има голем број природни непријатели, можно е да се примени и биолошка контрола, со внесување паразитоидни осички или предатори. Во некои земји, на пример, во Холандија, се користат паразитоидните осички Dacnusa sibirica и Diglyphus isaea, кои комерцијално се произведуваат и може да се набават од странски застапници. Исто така може да се користи предаторската нематода Neoplectana carpocapsae, која е ефикасна за оние развојни стадиуми на минерот кои се во почвата.

Tetranychus urticae Koch. – Копривно пајаче
(Acari: Tetranichidae)

Морфолошки опис. Кај копривното пајаче постои изразен полов диморфизам. Женките се со изглед на јајце, со големина околу 0,5 mm. Летната генерација женки се жолто-зелени, а зимските форми се темно црвени по боја. Мажјаците се жолтеникави, помали од женката, околу 0,3 mm, а задниот дел на телото им е стеснет. Возрасните пајачиња имаат 4 пара нозе. Ларвите личат на возрасните. Помали се по димензија и имаат 3 пара нозе. Јајцата се топчести по форма, белузлави, скоро проѕирни, невидливи со голо око. Истовремено сите развојни стадиуми се наоѓаат на растенијата.

Биолошки развој. Копривното пајаче презимува како зимска женка, плитко во почвата, под растителните остатоци, во конструкцијата на стаклениците и други скриени места. Во објектите во кои има додадено вештачко светло и греење развојот на пајачето е непрекинато. На крајот од зимата и почетокот на пролетта, после повеќе сончеви денови, пајачињата се селат на растенијата, каде што го продолжуваат размножувањето и развојот. Женката полага и до 120 јајца, понекогаш и повеќе на опачината на листот. По 3-5 дена се пилат ларвите, коишто се хранат на ист начин како и возрасните. Ларвите поминуваат низ 3 развојни степени, до преобразбата во имаго. Погодни услови за развој на овој пајак се сушни услови и зголемена темпаратура во објектите. Најбрз развој има при релативна влага на воздухот од 45-50% и при температура од 30°С. Во такви услови развојот на една генерација трае околу 10 дена. Во текот на една година може да има од 15 до 22 генерации. Во заштитените простори, во почетокот се среќаваат поединечно, најчесто на оние места каде условите за развој се поволни (во близина на грејните тела, врвните делови и јужната експозиција на растенијата). Со зголемување на нападот пајачето се сели од растение на растение, при што настануваат помали или поголеми кругови, така што на крајот целата површина од стакленикот ќе биде зафатена со овој штетник. Најголема бројност на копривното пајаче е во текот на летните месеци.

Оштетувања на растенија и плодови домати предизвикани од копривниот пајак

Значење и штетност. Копривниот пајак е изразито полифаген вид. Се храни со повеќе од 200 различни видови растенија. Претставува економски значаен штетник на градинарските култури во заштитени простори и на отворено, како и на индустриските, овошните култури и виновата лоза. Позначајни штети од копривиниот пајак се очекуваат особено при суво и топло време. Штетите кај растенијата ги причинуваат ларвите и имагата со својата исхрана. При исхраната го копаат долниот епидермис и паренхимот, оставајќи го неоштетен горниот епидермис. Листот пожолтува, а нерватурата останува зелена. Листот подоцна се суши и опаѓа. На опачината предат пајажина во која остануваат се додека не најдат вектор кој ќе ги пренесе на здрави растенија. Иако пајакот е слабо подвижен нападот се шири многу бргу. Намалувајќи ја асимилационата моќ на растението, тие придонесуваат за намалување на приносот. Нападнатите плодови остануваат ситни и со нетипична форма. Во текот на зимата пајакот е поприсутен на јужната експозиција во заштитените простори, каде е потопло и од каде се шири на околните растенија.

Мерки за контрола. За контрола на бројноста на пајакот најзначајни се превентивните мерки. Но, при надминување на економскиот праг се препорачуваат куративни мерки.

Превентивни (хигиенски) мерки – сузбивање на плевелите во и околу заштитените простори, корнење и спалување на заразените (инфестираните) растенија, зголемување на влажноста во заштитените простори со чести залевања, механичко отстранување (испирање) на пајакот од листот со водени млазеви.

Биолошки мерки – Интродукција на предаторскиот пајак Phytoseiulus persimilis кој се храни со шмукување на содржината од јајцата, ларвите и имагата на копривиниот пајак. За ефикасана контрола на домаќинот потребно е внесување на предаторот при пониска бројност на копривиниот пајак. Односот меѓу предаторот и копривиниот пајак треба да е 1:10. Предаторот ако остане без храна може да преживее 2 – 3 недели. После тоа угинува. Друг значаен предаторски пајак е Amblyseius cucumeris. На пазарот се наоѓаат препарати со живи предатори на лист од грав или друга култура инфестирана со пајак, познати под име Spidex или Phytopack.

Хемиски мерки – Хемиската заштита се препорачува додека бројноста на пајакот е ниска. Значајно е акарицидите да се аплицират со голема количина вода 3000 – 5000 l/ha, што доведува до зголемување на релативната влага во средината, а тоа неповолно влијае на копривиниот пајак. Изборот на хемиските средства зависи од самата култура. Во градинарството постојат големи ограничувања. За таа цел се препорачуваат инсектициди со акарицидно дејство: малатион, пиретроиди (есвенвалерат, тау-флувалинат) и други, но пред сѐ акарициди на база на: абамектин, квиназолини, клофентазин (феназаквин, тебуфенпирад), пропаргит, инхибитори на развојот (ектоксазол).

Aculops (=Vasates) lycopersici Massee. – Р’ѓасто пајаче (ериноза) на доматот

(Acari: Eriophydae)

          Морфолошки опис. Р’ѓастото пајаче е многу мал штетник, со димензии од 0,15 до 0,24 mm и не се гледа со голо око. Телото му е вртеновидно – издолжено, со два пара нозе и р’ѓаста боја. Ларвите и нимфите се слични со возрасните. Тие се помали по димензии и имаат пократки нозе.

          Биолошки опис. Во текот на годината оваа пајаче дава повеќе генерации. Во заштитен простор има целогодишен развој. Топлољубив штетник е и во летниот период една генерација трае околу 7 дена. Најбрзо се развива на температура од 26,5°С и при релативна влага на воздухот од 30%. Најголеми штети прави при сушни години и со мала количина на врнежи.

Штети кај домат предизвикани од рѓастото пајаче

Значење и штетност. Се смета за многу опасен штетник на доматот. Но, во наши услови до сега не се забележани поголеми штети од овој вид. Покрај доматот, го оштетува модриот патлиџан, компирот и пиперката. Како резултат на шмукањето сокови на местото на убодот, листовите од доматот добиваат, на почетокот жолта, а подоцна сиво кафена боја. Исто така, таквите листови се свиткуваат од краевите кон средината. Овој штетник ги напаѓа сите надземни делови од растението. Првите оштетувања се воочуват на најниските делови, а потоа постепено се шират зафаќајќи го целото растение. Силно нападнатите растенија добиваат р’ѓаста (бронзена) боја, а листовите и стеблата се сушат и пропаѓаат. Оштетените плодови изгледаат како да се прекриени со плута, а нивната покожичка е груба и пука. Тие не растат и пропаѓаат.

Мерки за контрола на штетникот. Се изведуваат на ист начин како и за контрола на копривното пајаче. За таа цел се препорачуваат инсектициди со акарицидно дејство: малатион, пиретроиди (есвенвалерат, тау-флувалинат) и др., но пред сѐ акарициди на база на: абамектин, квиназолини, клофентазин (феназаквин, тебуфенпирад), пропаргит, инхибитори на развојот (ектоксазол).

При послаб напад, ефикасни се и препаратите на база на сулфур. Биолошка контрола на овој штетник со примена на предаторски пајаци за сега е невозможно.

Споделете ја оваа објава

Последни објави

За Нас

Ние сме центар за одржив развој. Регионална канцеларија со Обучен центар за поддршка на Локалниот економски развој и руралниот одржлив развој – (земјоделството)

Билтен

Внесете го вашиот Е-маил за да се претплатите на нашиот месечен билтен