Производството на зеленчук претставува една од најинтензивните гранки од растителното производство во Р. Македонија и се карактеризира со големи приноси, голема профитабилност и со поголемо вработување на работна сила. Од друга страна, благодарение на богатството од хранливи и други корисни материи за човечкиот организам, зеленчукот е значаен во секојдневната исхрана на човекот, така што неговата побарувачка постојано расте, особено во свежа состојба. Исто така, расположливите капацитети за индустриска преработка на зеленчукот имаат постојани потреби за големи количини квалитетни суровини. Во последните години, интересот за одгледување зеленчук е сѐ поголем, особено после развојот на новите технологии, новата механизација и воведувањето нови сорти и хибриди, што овозможи поголеми приноси и поголемо вработување на работна сила.
Сигурниот и континуиран пласман на зеленчуковите култури, како на домашниот, така и на странскиот пазар е возможен само со разноликоста и квалитетот на производите. Притоа, за сите видови зеленчук, важен е, не само морфолошкиот, технолошкиот и нутритивниот квалитет, туку и здравствениот (без остатоци од пестициди и други загадувачи – тешки метали, нитрати, нитрити итн.).
За остварување на оваа задача, неопходни се современи и нови знаења во одгледувањето на зеленчукот, како и во поглед на неговата заштита од штетници, болести и плевели. Различните штетни организми можат во целост да го компромитираат производството на зеленчуковите култури. Тие, во просек, можат да ги намалат потенцијалните приноси за околу 30%, а ако на тоа се додаде и намалениот квалитет на производите (кој е многу битен за зеленчукот), тогаш штетите се зголемуваат за 50%.
Со цел намалување на штетата на зеленчуковите производи од различни штетни агенси, а сепак да има производство на здрава храна, во денешно време сѐ поголем тренд е интегралното производство на зеленчукот, а со тоа и интегралната заштита на растенијата.
Интегрална заштита на растенијата (ИЗР)
Интегралната заштита претставува систем за заштита на растенија, кој подразбира користење на сите расположиви методи на борба против штетниците, патогените и плевелите (одгледување отпорни сорти, агротехнички, механички, биолошки, хемиски и други) со цел да се спречи зголемувањето на нивниот број преку границата над која доаѓа до значајни економски штети.
Така, овој систем дозволува присуството на некои штетници, но под економскиот праг на штетност, а не и нивно уништување по секоја цена. Прагот на штетност е степен на напад на штетници кој се заканува со поголеми штети за растенијата од вредноста на преземената заштита. Во овој поглед, се јавува и поимот критичен број, кој претставува густина на инсекти, плевели, број на дамки на листовите или слично, кога се пристапува кон мерките за сузбивање. Од сето ова следува дека прогнозно – извештајната служба, која ги предвидува, следи и дава оптимални рокови за сузбивање на штетниците, причинителите на болестите и плевелите, е многу значајна во системот на интегралната заштита.
Со спроведување на мерките на интегрална заштита се намалува бројот на хемиски третмани, со што се штитат и им се овозможува поголема активност на природните непријатели. Нивната улога е толку важна што многу автори, под поимот интегрална заштита подразбираат само примена на природни непријатели и хемиска заштита. При изборот на пестициди за хемиската контрола треба да се води сметка за нивната селективност во однос на најважните природни непријатели на штетниците во дадена култура. Исто така, треба да се избегне непотребната и прекумерната употреба на хемикалии. Со третирање на целата површина за сузбивање на почвените штетници се уништуваат речиси сите природни непријатели, а истиот ефект се постигнува и со внесување хемиски средства само во редовите растенија, со што се зачувуваат многу корисни организми.
Примената на системот на интегрална заштита доведува до помала употреба на пестициди, а со тоа и до поевтина заштита, која е и крајната цел. Освен тоа се намалува и загадувањето на животната средина.
Сепак, воведувањето и ширењето на таков систем за заштита досега е ограничен само на мал број на важни економски штетници, па хемискиот начин на сузбивање во догледно време ќе остане како најважен начин на сузбивање на штетниците. Но, во пракса треба да се користат и да се комбинираат сите непестицидни мерки, кои придонесуваат за помала бројност на штетните организми. Кога, и покрај тоа, тие ќе го достигнат прагот на штетност, односно критичните броеви, како последна цел останува примената на хемиските мерки за борба против штетниците.
Основни постапки при интегралната заштита на растенијата
Воспоставување економски прагови
За секој штетник и секоја култура се одредува економски праг на штетност. Врз основа на овие прагови се носи одлука за почнување куративи мерки за контрола на бројноста на штетникот.
Економски праг на штетност (Economic Threshold Level) ја претставува бројноста на штетниот инсект или некој негов стадиум од развој, која ако се надмине предизвикува штети повисоки од цената на мерките за уништување на штетникот.
Економскиот праг е параметар кој треба да се утврди за секоја култура и за секој штетник посебно, во одредени производни услови (на пример, економскиот праг на телените црви кај стрните жита е 20 ларви/m2, а кај пченката е 5 – 10 ларви/m2.
Во зеленчуковото производство хемиските мерки се применуваат кога се очекува штета за 50% поголема од директните трошоците за уништување на штетникот. Голема помош производителите за појавата на штетникот, оцена за очекуваната штета, ибор на инсектицидот, времето и начинот на уништување на штетниците може да добијат од организирана прогнозна служба за заштита на растенијата, која претставува значајна алка во интегралната заштита на растенијата. После добиените информации (дневен печат, радио, телевизија, дирекно од прогнозната служба и др.) производителите треба по дадените упаства повремено да ги прегледат своите површини, да ја констатираат состојбата со штетниците.
Табела. Економски прагови на штетност за некои штетници во зеленчуковото производство
Штетник | Фаза на развој на растението | Праг на штетност |
Компир | ||
Телени црви – Elateridae, Грчици – Scarabaeidae | до садење | >1 ларва/m2 |
Компирова златица – Leptinotarsa decemlineata | висина на растенијата 15-20 cm почеток на цветање | >1 имаго/гнездо >30% испилени јајца или >10 ларви/гнездо |
Зелкови култури | ||
Озима совица – Agrotis seetum | расадување | >0.5 – 2 гасеници/m2 |
Зелкари – Pieris spp. | формирана розета | >1 млада гасеница/растение+ јајца |
Зелкова совица – Mamestra brassicae | почеток на формирање на главица | >0.5 гасеници по растение, односно 1 гасеница на секое второ растение |
Зелков молец – Plutella maculipennis | формирана розета | >0.5-1 гасеница/растение |
Зелкова лисна вошка – Brevicoryne brassicae | почеток на формирање на главица | >100 единки/25растенија |
Зелкова стеница – Euridema spp. | во сите фази | појава на првите стеници |
Зелкова мува – Chortophilla brassicae | формирана розета | >1 јајце или ларва/растение |
Коренаст зеленчук | ||
Лисни вошки – Aphididae | во сите фази | појава на првите колонии |
Луков зеленчук | ||
Лукова мува – Helomyza (Suilia) lurida | млади растенија | појава на првите имага |
Мешункаст зеленчук | ||
Зелена грашкова вошка – Acyrthosiphon pisum | 2-3 недели пред берба | 5-10 единки/растение |
Луцеркини пипи – Sitona spp. | никнење и почеток на раст | oштетена >10% од лисна маса или >20 имага/m2 |
Грашков жижок – Bruchus pisorum | цветање и почеток на формирање на мешунките | 2-3 имага/25 замавнувања со кечер |
Грашков свиткувач – Cydia nigriciana | млади мешунки | една пеперутка на 7-10 m2 или 1 јајце на секое трето растение |
Плодов зеленчук | ||
Лисни вошки – Aphididae | во сите фази | 20% нападнати растенија |
Лисна вошка на краставицата – Aphis gossypii | во сите фази | појава на првите колонии |
Пченков пламенец – Ostrinia nubilalis | 10-14 дена после максималниот лет на пеперутката; 7-10 дена после почетокот на летот на втората генерација | 10% населување на првите ларви, прв третман кај пиперката |
Мониторинг и идентификација на штетници
Мониторингот ги опфаќа само штетните видови, со цел одредување на нивната бројност и проценка за достигнување на економските прагови. Мониторингот на штетните видови овозможува примена на производите за заштита на растенијата само во потребното време. Денес постојат многуу алатки и техники што му се достапни на набљудувачот што го спроведува теренското набљудување – од едноставни до посложени. Многу е важно да се знае дека опремата и методот што ќе се користи зависат од контекстот. Поради тоа, потребни се посебно знаење и избор на соодветни уреди за набљудувањето да биде ефективно и веродостојно.
Во практиката, на пример, често се користат ловилки или мамци (светилки, мамци во боја, феромонски итн.) за следење одредени штетници. Ако се применуваат правилно, тие ќе бидат соодветни алатки за проверка на активностите на популацијата и за добивање информации за утврдување на прагот на дејствување.
Мерки кои се применуваат во Интегралната заштита на растенијата
Кога, со мониторингот, е утврдена појава на одреден штетнк над економскиот праг на штета, се превземаат контролни (куративни) мерки. Предност имаат мерките со помал ризик (механички, физички, биолошки, биотехнички). Откако овие мерки нема да ја постигнат целта, се пристапува кон примена на хемиски мерки.
Сите мерки кои се применуваат во Интегралната заштита на растенијата се групирани во следните групи:
- Индиректни мерки за заштита (агротехнички и законски (карантински) мерки);
- Директни мерки за заштита (механички, физички, биолошки и хемиски мерки).
Индиректните мерки, пред сѐ, имаат за цел да го оневозможат пренамножувањето на инсектите, па затоа на одреден начин се и превентивни методи. Додека, директните мерки имаат за цел директно уништување на инсектите и на одреден начин тие се куративни мерки.
Агротехнички мерки
Агротехничките мерки треба позитивно да делуваат на растот, развојот и виталноста на растенијата, а притоа неповолно да делуваат на штетниците. Со системот на агротехника за секоја култура треба да се создадат услови инсектите да не можат да се јават масовно, а доколку се појават, добро негуваното растение полесно да го поднесе нападот. Посебно е важна правилната ротација на културите и разни агротехнички операции кои се применуваат во технологијата на одгледувањето на одреден зеленчук. Никогаш да не се повторува сеидба или расадување на исти или сродни култури на исти павршини. На тој начин се спречува или се прекинува развојот на штетниците, што дирекно влијае на нивната појава и бројност. Ова е посебно важно за специјализирани видови штетници кои се развиваат на една или сродна група растенија. Други агротехнички мерки, кои со право се сметаат за основа во интегралната заштита на растенијата, се заорување и уништување на растителните остатоци, честа обработка на почвата, оптимална исхрана со минерални ѓубриња, уништувањето на плевелите, почитување на оптималното време на сеидба на културите, сеидба на здрав сеидбен материјал и избор на отпорни сорти. Примената на сите тие мерки во зеленчуковото производство придонесуваат за намалување на бројноста на штетниците. Плиткото заорување на стрните жита после жетвата (најчестите предкултури на окопните култури) ја намалува бројноста на телените црви (Coleoptera: Elateridae) над 40%. Редовно уништување на плевелите во некои заплевелени површини со зеленчук и уништувањето на растителните остатоци после бербата и, воопшто, одржувањето на хигиената во градинарското производство го оневозможува развојот и одржувањето на штетниците.
Законски (карантински) мерки
Целта на карантинските мерки е спречување на внесување на нови штетници во нашата земја или ширење на оние кои во државата се појавиле на одредени реони. Значи карантинското законодавство на секоја земја пропишува на кои штетници мора да се внимава при меѓународниот транспорт и трговија со земјоделски производи. Внатрешнокарантинските прописи оневозможуваат ширење на штетниците кои се застапени во одредени реони, на други реони, во земјата.
На царинските премини работат гранични инспектори кои ја контролираат здравствената состојба на увезениот материјал и дали имаат здравствено уверение или фитосертификат од земјата извозничка и мораат да се наоѓаат во амбалажа од која не можат да се шират болести и штетници.
Постојат и законски прописи кои наложуваат задолжително уништување на одредени штетници, задолжително водење прогноза и сигнализација и слично.
Исто така, со посебна значајна реулатива решено е производството на посевен и посадочен материјал.
Производството, прометот, примената, складирањето и други операции со производите за заштита на растенијата (пестицидите) се регулирани со посебна законска регулатива.
Механички мерки
Механичките мерки претставуваат едни од најстарите начини за борба со инсектите. Се состојат од рачно собирање и механичко уништување на штетните инсекти. Овие методи се многу скапи бидеќи бараат големо учество на работна сила и се практикуваат само на ограничени површини.
Во групата на механички мерки спаѓаат чистење кора на стари стебла на овошни и лозови насади, рачно или собирање со аспиратор штетни инсекти директно од нападнатите растенија, поставување ловни појаси, копање канали, мулчирање, поставување феромонски ловилки. Палењето стрниште претставува посебен вид механичка (физичка) мерка, при што доаѓа до директно уништување на голем број штетници на површините со стрништа, но во исто време се губи големо количество органска материја, се загадува жибвотната средина и се доведуваат во опасност од пожар сите околни површини.
Физички мерки
- Физичките мерки и методи во борбата со штетните инсекти подразбираат примена на одреден физички агенс. Овие методи се познати дого време во земјоделското производство, но посебно значење добиваат во интегралното земјоделско производство.
- Во физичките методи спаѓаат примена на ниски и високи температури, намалување на влагата, примена на светлина, примена на различни зраци, примена на ултра звук, примена на дијатомејска земја, борна киселина и слично.
Биолошки мерки
Биолошките мерки се состојат од употреба на некој корисен организам за уништување на штетниот организам. Имаат особено голема предност при заштитата на растенијата каде примената на хемиските средства имаат и најголеми недостатоци (резидуи, отровност,…), особено во заштитените простори. Таму треба да се предвидат сите штетници и целиот состав на мерките за заштита бидејќи не може еден штетник да се уништува со предатори и паразити, а друг со инсектициди. Со тоа би се спречила делотворноста на внесениот организам.
За биолошко уништување на штетниците се употребуваат нивните природни непријатели, причинителите на болестите на штетниците, предаторите или паразитите.
Хемиски мерки
Во пракса, кај нас, сѐ уште хемиските мерки за заштита на растенијата заземаат најважно место за контрола на штетниците, болестите и плевелите. Денес е тешко да се замисли интензивно производство на зеленчук и добивање високи и рационални приноси и квалитет без примена на хемиски средства кои се употребуваат во заштитата на растенијата. Од здравствено безбеден и финансиски аспект, како и за зачувување на животната средина, употребата на средствата за заштита на растенијата треба да се сведе на минимум. Треба да се користат со цел да се уништат еден или група од штетници, и тоа само кога другите начини на контрола се веќе искористени и кога има опасност за предизвикување на економски значајни штети, односно кога се очекува поголема штета од додатните вложувања за набавка и примена на заштитните средства.
Основни предности на хемиските методи за борба против инсектите се:
- Уништување на скоро сите штетници на земјоделските култури;
- Можност за комбинирано уништување на поголем број штетни инсекти или дури и комбинирано уништување на болести и штетници;
- Брзи резултати кои се постигнуваат со примена на пестицидите;
- Едноставност на апликацијата на хемиските средства;
- Мали трошоци по единица површина и висока рентабилност, која во светски размери изнесува 1:5.
Но, покрај корисното дејство врз штетните инсекти, инсектицидите имаат и низа негативни последици, па затоа хемиските мерки, имаат и низа недостатоци, кои се дотолку поголеми, доколку површините на кои се применуваат се поголеми. Недостатоците на хемиските методи за уништување на инсектите, главно се следните:
- Нарушување на природна рамнотежа во агроекосистемите;
- Масовно појавување на штени инсекти чија популација била во латенца (примери со минери и пајаци во овоштарството);
- Токсично дејство на инсектицидите врз човекот, домашните животни, рибите и дивечот;
- Појава на резистентност кон инсектицидите кај одделни инсекти.